fbpx
+389 78 58 44 48
info@ecommerce.mk

Новости

Со нов скенер до побрза достава на онлајн пратките

Директорот на царинска управа м-р Ѓоко Танасоски и министерката за финансии д-р Нина Ангеловска, го промовираа скенерот за контрола на поштенски пратки, донација на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Скенерот ќе овозможи поштенските пратки да се гледаат веднаш при добивање, со што се крати процедурата за доставување до крајниот корисник за два-три дена, како и намалување на трошоците на граѓаните бидејќи пратките за кои ќе се утврди дека во нив нема нешто сомнително, веднаш се пуштаат до примачот, без задржување во поштенските простории и наплата на трошоци.

Скенерот кој веќе се користи во царинска испостава Пошта е донација преку програмата EXBS од амбасадата на САД во Република С. Македонија, со вредност од 59.000 долари. Вкупната донација на опрема изнесува 80.000 долари, вклучително и обука на вработените за користење на софтверот кој го содржи скенерот, со цел максимално да се искористи потенцијалот кој ни го нуди.

Според министерката Ангеловска „употребата на скенерот е еден чекор за подобрување на Индексот на логистички перформанси, кој ја мери ефикасноста и квалитетот на поштенската испорака и е многу значаен за развој на електронската трговија, со што ќе овозможи без да се отвораат пратките да се види што има во нив. Со тоа се намалува можноста за злоупотреба и се врши автоматизација на процесот. Освен на олеснување на увозот, се работи и на олеснување на извозот. ”

Директорот Танасоски пак, посочи дека „со употребата на скенерот ќе се забрза прегледот на е-пратките и ќе се зголеми можноста за откривање на недозволена трговија. Ако зборуваме за безбедноста, пред сѐ за заштита на населението, што е една од примарните задачи на Царинската управа, скенерот овозможува детектирање на пратки кои согласно позитивните законски прописи содржат материи кои се забранети за внесување во нашата држава.”

Дополнително, директорот Танасоски најави дека од наредната година заедно со Царинската управа на Јужна Кореја и Светската царинска организација почнува проект за добивање податоци пред да пристигне пратката со што во голема мера се забрзува царинската постапка, се овозможува анализа на ризик, односно, како што рече, обработка на податоците со што доста ефикасно ќе се изврши контролата од наша страна и сето тоа како резултат ќе има скратување на времето на достава и по неколку пати.

 

Post a comment